МЗ: 69 оздравени, 29 новозаразени и четири починати лица од Ковид-19 во изминатото деноноќие

Министерството за здравство (МЗ) денеска информираше дека Институтот за јавно здравје регистрирал 69 оздравени пациенти. Во изминатите 24 часа, пак, потврдени се 29 нови случаи на Ковид-19, односно по градови регистрирани се 11 случаи во Скопје. шест случаи во Велес, четири во Куманово, по три во Кочани и Прилеп и два случаи во Тетово. Со новите случаи, вкупната брјока на дијагностицирани со новиот коронавирус се искачи на 1.494 лица, а бројот на активни случаи изнесува 606 пациенти.

Од министерството исто така информираат дека се регистрирани и четири смртни случаи. На Клиниката за инфективни болести во Скопје починале две лица на Прилеп, односно, пациентка на 55-годишна возраст која таму се лекувала од 24 април и 87-годишен пациент кој на клиниката се лекувал од 27 април. Двајцата пациенти биле со тешка форма на болеста и со респираторна слабост, се додава во соопштението на МЗ.

„Институтот регистрира уште едно починато лице во Прилеп, жена на возраст од 69 години, позитивна на вирусот, починала дома. Во ГОБ „8 септември“ почина пациент од с. Зрновци (Кочани) на 62 годишна возраст, на болничко лекување од 21 април“, информираат од МЗ.

На Клиниката за инфективни болести се примени двајца нови пациенти, а моментално таму се хоспитализирани 48 лица. Од нив, на кислородна поддршка се 27 лица, додека еден пациент е на механичка вентилација.

Во болницата „8-ми Септември“, пак, се примени тројца нови пациенти, а вкупно се хоспитализирани 26 пациенти. Од нив, четворица се на респираторна машина, а уште тројца пациенти се со потешка клиничка слика.

Досега во земјава се направени 16.798 тестирања на Ковид-19, а во изминатото деноноќие се направени 362 теста.