МЗ: 53 оздравени, 13 нови и четири смртни случаи од Ковид-19 во изминатите 24 часа

Министерството за здравство (МЗ) денеска информираше дека Институтот за јавно здравје регистрирал 53 оздравени пациенти од Ковид-19.  Во изминатото деноноќие се потврдени 13 нови случаи на Ковид-19, односно по градови, регистрирани се пет случаи во Куманово, четири во Скопје и по два случаи во Прилеп и Тетово. Со ова, вкупната бројка на дијагностицирани со Ковид-19 во земјата се искачи на 1399 лица.

Од МЗ исто така додаваат дека се регистрирани четири смртни случаи од Ковид-19. Односно, на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби починала пациентка на 58-годишна возраст од Желино примена на клиниката на 21 април со тешка форма на болеста и 81-годишна пациентка од Куманово, лекувана на клиниката од 15 април. Двете пациентки страдале од висок крвен притисок, се додава во соопштението на МЗ.

„Во ГОБ ‘8 септември’ почина едно лицe од Куманово на возраст од 47 години, примен на болничко лекување на 3 април во тешка состојба и долго време приклучен на респираторна машина. Почина и пациент од Битола кој се лекуваше во болницата во Битола. Пациентот бил на возраст од 66 години и во тешка општа состојба, со срцева слабост и цироза“, соопштуваат од министерството.

На Инфективната клиника во Скопје е примен еден нов пациент, а таму моментално е хоспитализиран  61 пациент. Од нив, 18 се со потешка клиничка слика и на кислородна поддршка, додека пет пациенти се на механичка вентилација, информираат од МЗ.

Во болницата „8-ми Септември“ пак, се примени осум нови пациенти, а хоспитализирани вкупно 32 лица. Од нив, на респираторна машина се седум пациенти, а со потешка клиничка слика уште четири пациенти.

Досега во земјава се направени 15.409 тестирања на Ковид-19, додека во изминатото деноноќие се направени 289 теста.