МЗ: 50 оздравени пациенти, 22 нови случаи на Ковид-19

Министерството за здравство (МЗ) информира дека денеска Институтот за јавно здравје регистрира 50 оздравени пациенти. Од нив 16 се во Скопје, 15 во Тетово, 10 во Куманово, 6 во Прилеп и по 1 во Велес, Крива Паланка и Валандово.

„Во ГОБ ‘8 септември’ почина пациент од Скопје (78 години) примен на 7 мај и пациент од Тетово (77 години), на болничко лекување од 14 мај“, соопштува министерството.

Во изминатите 24 часа направени се 533 тестирања, а регистрирани се 22 нови случаи на Kовид-19.

„Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 1839, бројката на оздравени пациенти е 1351, на починати е 106, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 382“, велат од министерството.

Досега во земјата се направени вкупно 22255 тестирања на Ковид-19.

„Од вкупниот број направени тестови во изминатото деноноќие 203 теста се во рамките на скринингот во градинки во Велес и Скопје и сите се негативни. Од досега направените 908 тестирања на вработените во градинките во Битола, Скопје и Велес потврден е само еден позитивен случај на ковид-19 во Битола“, соопштува МЗ.

Од таму посочуваат дека на Клиниката за инфективни болести и фебрилни во изминативе 24 часа примени се 2 нови пациенти, хоспитализирани се вкупно 43 пациенти. Двајца пациенти се на механичка вентилација.

Во ГОБ „8 септември“, пак, примени се 8 нови, а вкупно хоспитализиран 21 пациент. На респиратор се 4, a со потешка клиничка слика се уште 2 пациенти.

„Во болницата во Битола се хоспитализирани 7, на домашно лекување се следат уште 2 пациенти. Во болницата во Штип се хоспитализирани 4 пациенти, нема пациенти кои се следат на домашно лекување. На ифективните одделенија во Тетово, Велес, Куманово, Охрид и Прилеп се хоспитализирани  51 пациент, позитивни и сомнителни на Ковид-19“, соопштува министерството.