МЗ: 40 новозаразени, 11 оздравени и едно починато лице од Ковид-19 во изминатото деноноќие

Министерството за здравство (МЗ) денеска информираше дека Институтот за јавно здравје регистрирал 11 оздравени пациенти. Во изминатите 24 часа, пак, потврдени се 40 нови случаи на Ковид-19, односно, регистрирани се 26 случаи во Скопје, десет во Тетово и по еден случај во Куманово, Прилеп, Велес и Битола.

Од министерството исто така информираат дека на Клиниката за инфективни болести во Скопје, починал 56-годишен пациент од Прилеп кој бил лекуван на клиниката од 12 мај.

„Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 1898, бројката на оздравени пациенти е 1378, на починати е 111, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 409“, информираат од МЗ.

Во изминатите 24 часа направени се 549 тестирања на Ковид-19. Од вкупниот број направени тестови, 209 теста се направени во рамките на скринингот, а потврден е еден позитивен случај на лице вработено во градинка во Скопје.

На Клиниката за инфективни болести во Скопје во изминатото деноноќие се примени седум нови пациенти, додека таму моментално се хоспитализирани вкупно 49 пациенти. Од нив, на кислородна поддршка се 19 пациенти, додека на механичка вентилација се двајца пациенти.

Во болницата „8-ми Септември“ примени се 12 нови пациенти, а вкупно се хоспитализирани 25 лица. На респираторна машина се тројца пациенти, a со потешка клиничка слика се уште двајца пациенти, додаваат од МЗ.