МЗ: 38 оздравени, 21 новозаразен и двајца починати од Ковид-19 во изминатото деноноќие

Министерството за здравство (МЗ) денеска информираше дека Институтот за јавно здравје регистрирал 38 оздравени пациенти. Во меѓувреме, во изминатите 24 часа е потврден 21 нов случај, односно, по градови, регистрирани се седум случаи во Скопје, шест во Куманово, четири случаи во Прилеп и по еден случај во Тетово, Пехчево, Делчево и Струга. Со ова, вкупната бројка на дијагностицирани пациенти во земјата се искачи на 1.442 лица, а бројот на активни случаи сега изнесува 742 лица.

„По завршување на епидемиолошка анкета, за две лица кои во вчерашниот извештај на ИЈЗ беа заведени во Кавадарци, е утврдено дека се жители на Демир Капија. Во денешниот извештај на ИЈЗ ќе биде направена исправка и тие ќе бидат заведени во Неготино, бидејќи Демир Капија спаѓа во оваа подрачна единица“, се додава во соопштението на МЗ.

Од МЗ информираат дека од Ковид-19 починале двајца пациенти. На Клиниката за инфективни болести починал пациент од Скопје на 50-годишна возраст, хоспитализиран на 6 април, а кој бил на механичка вентилација 17 дена. На Клиниката за онкологија починал 51-годишен пациент од Прилеп чиј позитивен резултат на новиот коронавирус пристигнал вчера.

Во изминатото деноноќие во болницата „8-ми Септември“ се примени осум нови пациенти, а моментално таму се хоспитализирани 35 лица. Од нив, со потешка клиничка слика се пет пациенти, а на респиратор се вкупно шест лица.

На Инфективната клиника, пак, се примени двајца нови пациенти, а моментално се хоспитализирани 52 лица. Од нив, на кислородна поддршка се 28 лица, а на механичка вентилација се тројца пациенти.

Досега во земјава се направени 16.050 тестирања на Ковид-19, а во изминатото деноноќие се направени 279 теста.