МЗ: 38 новозаразени, 16 оздравени и тројца починати од Ковид-19, меѓу нив и здравствен работник

Министерството за здравство (МЗ) денеска информираше дека Институтот за јавно здравје регистрирал 16 оздравени пациенти. Во изминатите 24 часа, потврдени се 38 нови случаи на Ковид-19, односно, регистрирани се 24 случаи во Скопје, четири во Штип и Куманово. три во Тетово, два во Неготино и еден случај во Битола.

Од МЗ соопштуваат дека починале три лица. Во болницата „8-ми Септември“ починал пациент на возраст од 57 години, хоспитализиран на 23 мај.

„На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби почина 74 годишен пациент, лекуван на клиниката од 21 мај. Во Институтот, од болницата Ремедика, за анализа е пристигнат постмортем брис на пациент од Скопје (53г) и истиот е позитивен на ковид-19.“, се додава во соопштението на МЗ.

Од фармацевтската комора соопштуваат дека помеѓу починатите лица и е здравствениот работник, фармацевтот Петар Мојсоски.

„Петар Мојсоски е првиот здравствен работник кој почина од КОВИД -19. Фармацевтите и фармацевтските техничари кои работат во аптеките се на првата линија во лекувањето на сите пациентите без разлика на нивните заболувања и здравствени состојби.Во пандемија, кога потребата за посета на аптеките е поголема изложеноста на здравствените работници е зголемена, а со тоа и ризикот за заболување. Почитувањето на мерките за заштита се од огромна важност и за намалување на можноста за заболување и на можноста за ширење на болеста. Се замолуваат пациентите и покрај олабавувањето на мерките, да ги почитуваат и понатаму мерките за заштита при посета на аптека“, истакнаа од Фармацевтската комора.

Во последните 24 часа направени се 560 тестирања. Од вкупниот број направени тестови во изминатото деноноќие 168 теста се во рамките на скринингот во градинки и геронтолошки установи. Тестирањата се направени преку Центрите за јавно здравје Куманово и Скопје и не се регистрирани позитивни случаи на ковид-19.

„Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 2077, бројката на оздравени пациенти е 1486, на починати е 122, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 469“, информираат од МЗ.

На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во изминативе 24 примени се 3 пациенти, хоспитализирани се вкупно 47 пациенти. На кислородна поддршка се 20, на механичка вентилација е 1 пациент.
Во болницата „8 септември“ примени се 9 нови, а вкупно хоспитализирани 29 пациенти. На респиратор се 6, a со потешка клиничка слика се уште 7 пациенти.

Досега во земјата се направени вкупно 27.023 тестирања на Ковид-19.