МЗ: 37 новозаразени и 11 оздравени од Ковид-19 во изминатото деноноќие

Министерството за здравство (МЗ) денеска информираше дека Институтот за јавно здравје регистрирал 11 оздравени пациенти. Во последните 24 часа, потврдени се 37 нови случаи на Ковид-19, односно, регистрирани се 12 случаи во Скопје, осум во Куманово, седум во Тетово, четири случаи во Струга и по два случаи во Штип, Прилеп и Охрид.

„Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 1978, бројката на оздравени пациенти е 1422, на починати е 113, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 443“, стои во соопштението на МЗ.

Во изминатото деноноќие направени се 508 теста. Од вкупниот број тестирања 188 теста се во рамките на скринингот, а од нив, потврден е еден позитивн случај кај вработен во геронтолошка установа во Скопје.

„Досега со скринингот направени се 2248 тестирања на Ковид-19, а регистрирани се три позитивни случаи на Ковид-19“, информираат од МЗ.

На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје примени се четворица нови пациенти, а хоспитализирани се вкупно 58 пациенти.  Од нив, на кислородна поддршка се 24 лица, додека на механичка вентилација се двајца пациенти.

Во болницата „8-ми Септември“ примени се пет нови пациенти, а вкупно се хоспитализирани 18 пациенти. Од нив, на респираторна машина се пет лица, a со потешка клиничка слика се уште четворица пациенти.

„Во болницата во Битола се хоспитализирани 3 пациенти, еден пациент во тешка состојба е пратен на инфективната клиника во Скопје. На домашно лекување се следат уште 4 пациенти.

Во болницата во Штип се хоспитализирани 5 пациенти, нема пациенти кои се следат на домашно лекување.

На инфективните одделенија во Тетово, Велес, Куманово, Прилеп и Охрид се хоспитализирани  42 пациенти, позитивни и сомнителни на ковид-19“, соопштуваат од МЗ.

Досега во земјава се направени вкупно 25.270 тестирања на Ковид-19.