МЗ: 25 новозаразени, тројца починати и 17 оздравени од Ковид-19 во изминатото деноноќие

Министерството за здравство (МЗ) денеска информираше дека Институтот за јавно здравје регистрирал 17 оздравени пациенти. Во изминатите 24 часа, потврдени се 25 нови случаи на Ковид-19, односно, регистрирани се 14 случаи во Скопје, четири во Штип, два во Тетово и Куманово и по еден случај во Прилеп, Струга и Велес.

Од МЗ соопштуваат дека починале три лица. Во болницата „8-ми Септември“ починал 41 годишен пациент од Тетово, кој бил хоспитализиран на 19 мај.

„На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби почина пациент од Струга (58г) и пациент од Скопје (47г) и двајцата долго време поставени на механичка вентилација“, се додава во соопштението на МЗ.

Во последните 24 часа направени се 622 тестирања. Од вкупниот број направени тестови во изминатото деноноќие 251 тест е во рамките на скринингот во градинки и геронтолошки установи, а регистриран е еден позитивен слуај во геронтолошка установа во Скопје.

„Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 2039, бројката на оздравени пациенти е 1470, на починати е 119, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 450“, информираат од МЗ.

На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во изминатите 24 часа нема прием на нови пациенти, а таму моментално се хоспитализирани вкупно 50 пациенти. Од нив, на кислородна поддршка се 25 лица, а на механичка вентилација е еден пациент.

Во болницата „8-ми Септември“, пак, примени се седум нови лица, а вкупно се хоспитализирани 26 пациенти. Од нив, на респиратор се шест пациенти, a со потешка клиничка слика се уште 8 пациенти.

Досега во земјава направени се вкупно 26.463 тестирања на Ковид-19.