МЗ: 20 новозаразени, 24 оздравени и едно починато лице од Ковид-19 во изминатите 24 часа

Министерството за здравство (МЗ) денеска информираше дека Институтот за јавно здравје регистрирал 24 оздравени пациенти. Во меѓувреме, оттаму додаваат дека потврдени се 20 нови случаи на новиот коронавирус, односно, регистрирани се 16 случаи во Скопје и по два случаи во Куманово и Прилеп.

Во болницата „8-ми Септември“, починал пациент од Скопје на 63-годишна возраст кој бил примен на болничко лекување на 6 мај како сомнителен на Ковид-19, а бил потврден како позитивен на вирусот еден ден подоцна.

„Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 1941, бројката на оздравени пациенти е 1411, на починати е 113, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 417“, стои во соопштението на МЗ.

Во изминатите 24 часа направени се 744 тестирања. Од вкупниот број направени тестови во изминатото деноноќие, 355 теста се направени во рамките на скринингот, а од нив, не се регистрирани позитивни случаи на Ковид-19.

„Досега со скринингот направени се 2060 тестирања на Ковид-19, а регистрирани се само два позитивни случаи на вработени во градинка во Битола и во Скопје. Сите останати резултати се негативни“, додаваат од МЗ.

На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во изминатото деноноќие се примени четворица нови пациенти, а таму моментално се хоспитализирано вкупно 55 пациенти. Од нив, на кислородна поддршка се 32 лица, а на механичка вентилација се двајца пациенти.

Во болницата „8-ми Септември“, пак, примени се девет нови пациенти, а хоспитализирани се 20 пациенти. Од нив, на респираторна машина се пет пациенти, а со потешка клиничка слика се уште тројца пациенти.

Досега во земјата се направени вкупно 24762 тестирања на Ковид-19.