МЗ: 198 новозаразени, четири починати и 97 оздравени од Ковид-19 во изминатите 24 часа

Министерството за здравство (МЗ) денеска информираше дека се потврдени 198 нови случаи на Ковид-19, односно, регистрирани се 83 случаи во Скопје, 27 во Свети Николе, 21 во Штип, 12 во Куманово, 11 во Битола, десет во Гостивар, девет во Тетово, седум во Радовиш, по три во Струга, Охрид и Демир Хисар, по два случаи во Пробиштип, Прилеп и Велес, и по еден случај во Дебар, Кочани и Кичево.

Од МЗ соопштуваат дека починале четири лица, односно, по еден пациент од Скопје и Тетово и двајца од Прилеп.

„На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби починаа четворица пациенти на возраст од 49, 61, 70 и 72 години“, стои во соопштението на МЗ.

Институтот за јавно здравје регистрирал 97 оздравени лица, односно, 71 од Скопје, 12 од Тетово, седум од Штип, два од Ресен и по еден од Велес, Битола, Кочани, Пробиштип и Кичево.

„Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 8530,  бројката на оздравени пациенти е 4565, на починати е 393, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 3572“, информираат од МЗ.

На Инфективната клиника во Скопје во изминатите 24 часа се примени осум пациенти, а вкупно се хоспитализирани 86 пациенти. Од нив, на кислородна поддршка се 38 пациенти, а нема пациенти на респираторна машина.

Во болницата во Козле се хоспитализирани 20 возрасни пациенти позитивни на Ковид-19, осум позитивни и две деца суспектни на вирусот.

„Во ГОБ „8 Септември“ примени се 15 нови, вкупно хоспитализирани се 90 пациенти. На респираторна машина се 7 пациенти.
Во болницата во Битола се хоспитализирани 29, а во болницата во Штип се хоспитализирани 53 пациенти. На инфективните одделенија во Тетово, Охрид, Велес, Куманово, Прилеп, Гостивар, Струмица и Струга се хоспитализирани 123 пациенти – позитивни и сомнителни на ковид-19“, стои во соопштението на МЗ.

Досега во земјава се направени вкупно 80.774 тестирања на Ковид-19, а во последните 24 часа се направени 1.382 теста.