МЗ: 163 нови случаи на Kовид 19, осум починати и 230 оздравени пациенти во последните 24 часа

Министерството за здравство (МЗ) информира дека во последните 24 часа се регистрирани 163 нови случаи на Ковид-19, починати се 8 пациенти, а оздравеле 230 граѓани.

Од починатите, шест пациенти биле од Скопје, еден од Дебар и еден од Тетово.

„На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби почина пациент на возраст од 59 години. На Клиника за токсикологија е почината пациентка на 79 години, кај која присуството на вирусот е потврдено постмортем. Во ГОБ „8 септември“ починати се четворица пациенти на возраст 58, 61,62 и 66 години. Во ОБ Тетово почина пациент на 53 години. Во Филип Втори (Жан Митрев) е починат пациент од Дебар на 52 години“, информираат од МЗ.

Во текот на изминатово деноноќие биле направени 1794 тестирања. Најголемиот број од новорегистрираните доаѓаат од Скопје, Тетово, Штип, Свети Николе и Гостивар.

Со ова, вкупната бројка на Ковид дијагностицирани во земјата од почетокот на епидемијата изнесува 7406, бројката на оздравени пациенти е 3554, на починати е 359, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 3493.

„На Инфективната клиника во изминативе 24 часа примени се 6 пациенти. Вкупно се хоспитализирани 89 пациенти. На кислородна поддршка се 57 пациенти, нема пациенти на респираторна машина. Во болницата во Козле се хоспитализирани 23 возрасни пациенти позитивни на ковид-19, 1 дете позитивно и 1 суспектно на вирусот. Во ГОБ „8 Септември“ примени се 8 нови, вкупно хоспитализирани се 97 пациенти. На респираторна машина се 3 пациенти. Во болницата во Битола се хоспитализирани 45, а во болницата во Штип се хоспитализирани 48 пациенти. На инфективните одделенија во Тетово, Охрид, Велес, Куманово, Прилеп и Гостивар се хоспитализирани 106 пациенти – позитивни и сомнителни на Ковид-19“, соопштија од МЗ.

Во однос на тестирања, досега во земјата се направени вкупно 71.220. Денеска нема тестирања во рамките на скринингот, информираат од МЗ.