МЗ: 150 нови случаи на Ковид-19, оздравени се 30 пациенти, починати се 9 лица

Министерството за здравство (МЗ) информира дека во последните 24 часа се направени 1.086 тестирања, а регистрирани се 150 нови случаи на Kовид-19.

Од нив, во Скопје се 93, Тетово – 12, Охрид – 9, Кичево – 8, Куманово-7, Ресен-5, Прилеп-4, во Штип, Гостивар и Струга по 3, а по еден случај во Битола Кочани и Неготино.

Денеска Институтот за јавно здравје регистрира 30 оздравени пациенти. Починати се 9 лица, шест пациенти од Тетово и тројца пациенти од Скопје.

„На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби почина пациент од Скопје на 79 години. Во ГОБ ‘8 септември’ починати се две лица од Скопје на возраст 58 и 81 година и пациент од Тетово на 58 години. Во Тетово починати се пет лица на возраст 63, 60, 77, 72 и 69 години“, соопштуваат од министерството.

Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 5.906, бројката на оздравени пациенти е 2.236, на починати е 277, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 3.393.

Досега во земјата се направени вкупно 57.895 тестирања на Ковид -19. Денеска нема тестирања во рамките на скринингот.

„На Инфективната клиника во изминативе 24 часа примени се 16 пациенти.  Вкупно се хоспитализирани 100 пациенти. На кислородна поддршка се 46 пациенти, нема пациенти на механичка вентилација. Во болницата во Козле се хоспитализирани 4 деца позитивни и сомнителни на ковид и 17 возрасни позитивни пациенти“, велат од министерството.

Во ГОБ „8 Септември“ примени се 9 нови, вкупно хоспитализирани се 133 пациенти. На респираторна машина се 9 пациенти.

Во болницата во Битола се хоспитализирани 44, а во болницата во Штип се хоспитализирани 30 пациенти. На инфективните одделенија во Тетово, Охрид, Велес, Куманово и Прилеп се хоспитализирани 75 пациенти – позитивни и сомнителни на Ковид-19.