МВР: Учител со фалсификувана диплома шест години предавал математика во Куманово

Кумановската полиција поднела кривична пријава против 51-годишник, поради сомнение дека со фалсификувана исправа бил примен како наставник во основното училиште „Бајрам Шабани“ каде добивал плата од крајот на 2011 до средината на 2017 година.

Според МВР, лицето набавило фалсификувана диплома од Универзитетот во Приштина во Република Косово, преку која се стекнал со квалификација „професор по математика“.

„Дипломата ја употребил во општинското основно училиште „Бајрам Шабани“ Куманово, каде склучил Договор за работа и засновал работен однос на определено време. До 2017 му биле изготвувани повеќе договори за работа на определено време, при што пријавениот се стекнал со противправна имотна корист од Буџетот на Република Северна Македонија, во износ од платите што му биле исплаќани од 01.12.2011 до 05.05.2017“, стои во билтенот на МВР.