МВР со нова кривична против еден од напаѓачите на Заев во Собранието

Министерството за внатрешни работи објави дека до Основното јавно обвинителство (ОЈО) доставиле кривична пријава против 28-годишниот Ј.Ч. од Прилеп, за учество во толпа што ќе изврши кривично дело, бидејќи во насилствата во Собранието од 27 април, со нога го нападнал лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

„Пријавениот, на 27.04.2017 година околу 19,00 часот на ул. “11 ти Октомври“, откако со употреба на физичка сила насилно влегол во Собранието на Република Македонија, се упатил во прес салата 3 каде било обезбедувањето на претседателот на СДСМ по што почнал да го турка и влече. Истиот, во еден момент успеал да се приближи до претседателот на СДСМ кого физички го нападнал удирајки го со нога во пределот на стомакот. Од страна на Единицата за насилен криминал обезбеден е видео запис со дејствијата кои ги презема и изготвен е фото албум“, стои во соопштението на МВР.

Со лицето е извршен разговор на 19-ти мај, во кој го појаснил начинот на извршување на кривичното дело, по што бил ослободен во консултација со Обвинителството, соопштуваат од МВР.

Од Министерството информираат и дека до ОЈО е доставено известување во врска со М.М. (45) од Охрид, вработен во Единицата за потраги при СВР Скопје, кој иако бил службено ангажиран како обезбедување на протестот на здружението „За заедничка Македонија“,влегол во Собранието и се обидел насилно да му го одземе службениот пиштол на А.А, вработен како Виш инспектор во одделот за заштита на определени личности и објекти, кој испукал еден куршум во воздух за да ја спречи толпата.

Имено, истиот иако бил службено ангажиран за постапување по најавениот протест од граѓанското здружение „За заедничка Македонија“ како физичко обезбедување на протестот, околу 19,00 часот кога поголем дел од граѓаните учесници на протестот насилно влегле во Собранието преку главниот влез, М.М. влегол во Собранието при што и по наводите на неговата изјава и изјавата на А.А., вработен како Виш инспектор во Одделот за заштита на определени личности и објекти, во моментот кога А.А. го извадил од футрола службениот пиштол и испукал еден проектил во воздух со цел да ја спречи и предупреди толпата, М.М. го фатил за раката при што  се обидел насилно да му го одзеде службениот пиштолот.

МВР информира дека завчера, по претходно распишан локален распис на аеродром “Александар Велики“ Скопје, лишено од слобода е лицето К.Т. (37). По извршен разговор, лицето било  ослободено, а во консултации со Јавен обвинител ќе биде поднесен соодветен поднесок.