МВР: Продолжува увидот и мерките за утврдување на сите детали за авионската несреќа кај Кожле

Министерството за внатрешни работи ги соопшти првичните официјални податоци околу падот на авионот со шест патници кај селото Кожле.

Во соопштението од МВР пишува дека најпрвин околу 17:30 часот, полицаец пријавил дека од аеродромот „Александар Велики“ се изгубил комерцијален авион со шест патници, по што околу 20 часот, по пријава на жител кој слушнал експлозија, се пронајдени остатоците од авионот. Најдени се крило со една гума, метална електронска кутија, два мобилни телефони, карти за патување и една италијанска патна исправа.

По пронаоѓањето, од Единицата за специјални задачи го обезбедилe местото на настанот и бил известен Јавен обвинител, по што се извршиле првични фотографирања, но поради немање услови за вршење увид, обвинителот одлучил тој да продолжи утрово, стои во соопштението на МВР.

Утрово, информираат од полицијата, во 10 часот и 30 минути продолжил увидот и кримтехничкото одбележување на трагите.

Министерството за внатрешни работи во координација со другите надлежни институции презема мерки и активности за утврдување на сите поединости околу авионската несреќа и целосно документирање на настанот, стои во соопштението.

Претходно, италијанските медиуми објавија дека нема преживеани во авионската несреќа.