МВР: Приведен деликвентот кој до смрт го измачуваше коњот во Ѓорче Петров

По силниот притисок на јавноста, деликвентот кој до смрт измачуваше коњ во дворот на OУ „Димитaр Пoп Геoргиев Берoвски” вo нaселбa Ѓoрче Петрoв се наоѓа во полициска станица и во текот на денот ќе се поднесе кривична пријава против него, потврдуваат од Министерството за внатрешни работи за Радио МОФ.

Од МВР велат дека викендов била поднесена прекршочна пријава за нарушување на јавен ред и мир, за што според надлежниот Закон, казната се движи од 100 до 400 евра. Во текот на денот пак, најавија дека против овој сторител ќе биде поднесена и кривична пријава до Јавното обвинителство за малтретирање и убивање на животно, за што според кривичниот законик следува казна до една година затвор. Меѓудругото, од МВР информираат дека за случајот писмено се обратиле и до Агенцијата за храна и ветеринарство.

На прашањето пак што ќе се случи со вториот коњ кој го поседува овој сторител и дали тој ќе му биде одземен, од МВР велат дека немаат основ, односно овластување за тоа.

Од Здружението за правата на животните „Анима Мунди“ пак стравуваат дека и вториот коњ ќе ја доживее судбината како претходниот. Стотина активисти вчера протестираа пред полициската станица во Ѓорче Петров со барање полицијата да го реши проблемот со убиецот на коњот и да одговара за тоа.

Претходно, Здружението алармираше  јавноста за овој случај со фотографии кои нивни активисти ги направиле во дворот на училиштето при што потенцираа дека деликвентот веќе бил пријавен и дека коњот служел за да се нахранат кучиња чувани за борби, кои исто така се во дворот на училиштето. Од Анима Мунди реагираа дека иако била повикана полиција додека коњот бил жив, и било побарано за да се одземе и спаси немоќното животно, полицијата не одговорила на нивните барања.