Апел на МВР да не се пукаат петарди: „Граѓаните да пријавуваат продажба на пиротехника на 192“

„Не употребувајте петарди! Над 150.000 луѓе во светот секоја година остануваат инвалиди поради употреба на петарди, од нив 80 отсто се деца, стои во апелот кој Министерството за внатрешни работи традиционално го споделува овој период од годината.

Полицијата ги известува граѓаните дека неовластената употреба на пиротехнички средства е казнива според Законот за прекршоци против јавниот ред и мир, Законот за заштита од експлозивни материи и Кривичниот законик на Република Македонија.

„Апелираме до граѓаните да ги почитуваат законските прописи и да соработуваат со полицијата, доколу забележат лица кои продаваат пиротехнички средства и да ги пријават на полициски службеници лично или преку телефонскиот број 192. Апелираме особено до малолетниците да не употребуваат петарди, бидејќи тие претставуваат опасност за нивното здравје“, велат од МВР.

За непочитувачите на законот се предвидени парични казни од 200 до 500 евра, а за родителите чии деца вршат прекршоци од овој вид, заради занемарување и негрижа предвидени се глоби од 600 до 800 евра.