МВР: Граѓаните да не наседнуваат на електронски „судски покани“, станува збор за меѓународна измама

Од Министерството за внатрешни работи (МВР) известуваат дека граѓаните пријавуваат за добиени „судски покани“ по електронски пат, потпишани од директорот на Бирото за јавна безбедност Сашо Тасевски и дополнуваат дека станува збор за измама.

Оттаму истакнуваат дека со „судските покани“, граѓаните се информирани дека се предмет на правни постапки за низа измислени кривични дела, кои ги немаат сторено, како детска порнографија, педофилија, егзибиционизам, а притоа се повикани да ги споделат своите лични податоци.

„МВР ги известува граѓаните дека станува збор за лажна порака која не е испратена од страна на МВР, односно од БЈБ. Овие електронски пораки се класичен обид за измама во кој целта на измамниците е да дојдат до личните податоци на граѓаните со цел нивна понатамошна злоупотреба. Судските покани не се испраќаат преку мејл, а и доколку внимателно се прочитаат овие пораки, видливо е дека станува збор за измама“, велат од Министерството.

Оттаму апелираат ваквите електронски судски покани да не се отвораат, а граѓаните да не ги споделуваат своите лични податоци.

„Исто така, предупредуваме да не отворате линкови и датотеки кои се испратени во прилог на електронска порака која доаѓа од непознат испраќач, со цел заштита на вашиот компјутерски систем од малициозен софтвер“, велат од МВР.

Од министерството информираат дека станува збор за меѓународна измама – имајќи предвид дека електронски пораки со слична содржина, а со иста цел – злоупотреба на лични податоци, во изминатиот период беа испраќани и на граѓани во земјите од регионот.