МВР ги контролираше скопските автобуси: 25 возила пратени на технички преглед, 12 исклучени од сообраќај

Одделението за безбедност на патниот сообраќај при Секторот за внатрешни работи Скопје вчера во периодот од 10 до 14 часот спровело акциска контрола на скопските автобуси.

Според МВР, целта била да откријат, документираат и санкционираат прекршоци за техничка исправност на возилата кои вршат јавен превоз на патници.

„При акциската контрола контролирани се 110 автобуси и други возила кои вршат јавен превоз. При контролите констатирани се неправилности: неисправен уред за кочење, неисправни светлосно сигнални уреди, неисправен уред за управување, непродолжена регистрација и недостатоци на опрема. 25 возила кои вршат јавен превоз на патници се упатени во станица за технички преглед на дополнителни проверки“, соопштува МВР.

Исто така, потенцираат дека се преземени вкупно 33 мерки за сторени прекршоци, односно издадени се 15 прекршочни платни налози, 12 возила се исклучени од сообраќај и поднесени се шест барања за поведување на прекршочна постапка.