МВР: Дисциплински мерки за четворица полициски службеници за инцидентот со демонстрантите

По наредба на министерот Оливер Спасовски, Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди изврши проверки за настанот во саботата при протестот по повод презентацијата на воена, медицинска и техничка oпрема во Скопје, соопшти денеска портпаролот на МВР, Тони Ангеловски.

„Утврдено е дека од страна на четворица полициски службеници врз четири лица неосновано била употребена физичка сила, а над тројца од нив без основа е употребено средство за присилба-врзување со лисици“, рече Ангелоски.

Според портпаролот, против полициските службеници кои што ги пречекориле службените овластувања и постапиле спротивно на член 83 и 85 од Законот за полиција ќе бидат преземени дисциплински мерки согласно Колективниот договор на МВР и ќе биде известено надлежното јавно обвинителство во Скопје.

Инаку, инцидентот со четворицата демонстранти се случи со саботата, кога партијата Левица објави дека нивни членови насилно биле задржани од полицијата и спречени да го истакнат транспарентот „Против војната за профити“. За инцидентот беше снимено и видео.