МВР апелира граѓаните да се воздржат од пиротехника за новогодишната ноќ, Итна помош порачува внимателност со алкохолот

Министерството за внатрешни работи, во пресрет на новогодишната ноќ, апелира до граѓаните максимално да се воздржат од употребата на пиротехнички средства, како и од други нарушувања на јавниот ред и мир. Од МВР потсетуваат дека неовластената употреба на пиротехнички средства е казнива според законите и дека неовластената употреба на петарди, палење ракети и други пиротехнички средства, со кои се нарушува јавниот ред и мир и безбедноста на граѓаните, се казнува со глоба во износ од 200 до 500 евра.

„Апелираме и до учесниците во патниот сообраќај да бидат внимателни и во целост да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, задолжително да поседуваат зимска опрема и да не седнуваат зад воланот под дејство на алкохол. Апелираме до граѓаните да ги почитуваат законските прописи и да соработуваат со полицијата. Сите нарушувања на јавниот ред и мир да ги пријават во полициска станица или преку бесплатниот телефонски број 192“, соопштија од МВР.

Апел до граѓаните да го остават автомобилот и да најдат друга форма на транспорт за новогодишната ноќ испратија и од Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата:

„За добри и весели празници, за среќна и весела 2019 година – не управувај моторно возило под дејство на алкохол! Изборот е едноставен: доколку консумираш алкохол – не возиш, доколку возиш – не консумираш алкохол. Да, тоа е толку едноставно, а во суштина, спасува живот. Изборот е твој, а од твојот избор, зависи дали ќе ги поминеш празниците во добро расположение, ќе добиеш казна од полицијата и одземање на возачката дозвола, или пак ќе завршиш во болница или најстрашното – новогодишната ноќ за некого ќе заврши фатално“, велат од РСБСП.

Истовремено од службата за Итна медицинска помош во состав на ЈЗУ „Здравствен дом на Скопје“ известуваат дека за време на новогодишните празници ќе се грижат за здравствената состојба на граѓаните во текот на 24 часа.

На новогодишната ноќ, итната медицинска помош ќе располага со 10 медицински тима и 8 дежурни ординации за здравствена заштита во трета смена, недела и празници во Поликлиниките „Јане Сандански“, „Чаир“, „Ченто“, „Шуто Оризари“, „Ѓорче Петров“, „Драчево“, „Идадија“ и „Бит Пазар“.

Оттаму препорачуваат редовно земање на терапија кај хронично болните, внимание при внесот на храна кај лицата кои се придржувале на Божиќниот пост, умерено користење алкохолни пијалоци, за да се избегнат несакани последици, особено со апел до младата и малолетна популација и воздржување од користење на пиротехнички средства и огнострелно оружје за избегнување на несакани повреди, изгореници или други потешки последици.