МВР: 13 уапсени и двајца повредени во синоќешните протести

Тринаесет лица се приведени по синоќешните протести поради одлуката на претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов за помилување на политичарите против кои се води кривична постапка или има кривична пријава. Како што соопшти МВР, приведените се од групата демонстранти кои околу 21.00 часот, биле пред канцеларијата на Претседателот.

„Околу 21.00 часот дел од масата која била пред канцеларијата на Претседателот, успеала насилно да влезе во просториите од каде што изнела дел од инвентарот и да го запали на улицата пред објектот. Дел од истата маса, на објектот на Министерството за Правда со тврди предмети ја оштетиле влезната врата и неколку прозори. Нарушителите биле потиснати и одалечени од објектот, а 13 од нив се приведени. Околу 21.30 часот насобраните граѓани од пред Собранието, Министерството за Правда, канцеларијата на Претседателот и ул. „Павел Шатев“ се разотишле“, се вели во полицискиот билтен.

Од МВР соопштија дека сообраќајот во централното градско подрачје е нормализиран во 22.00 часот, а во Градската општа болница за укажување на лекарска помош е донесен еден од учесниците на протестите, како и еден новинар.

Од МВР соопштија во вчера во 18 часот започнале два најавени протести, еден пред Специјалното јавно обвинителство, а втор пред седиштето на политичката партија СДСМ на ул. „Павел Шатев“.