„Музиката зборува на сите јазици“ – концерти по повод 30 години државност

Во август и септември ќе се одржат четири концерти со кои ќе се прослави 30-годишнината од македонската независност.

Проектот насловен „Музиката зборува на сите јазици – 30 години мулти култура“ се состои од концертни настапи на врвни македонски музички имиња од различни националности. Концертите ќе бидат организирани на значајни културни добра и локалитети.

На 3 август во Св. Софија во Охрид ќе настапат Весна Гиновска Илкова заедно со Кристина Светиева, Бобан Мирковски и Ерхан Шукри Квартет. Ќе бидат изведени арии од македонски автори, традиционални и забавни македонски композиции.

На 15 август, во Куршумли Ан, ќе настапи џез гитаристот Тони Китановски, заедно со музичарите Асан Рашид, Абас Јахјаи, Владимир Крстев, Техамана Лазар, Ајдин Јахјаи и Виктор Филиповски.

На 3 септември на археолошкиот локалитет Стоби ќе настапи групата Синтезис изведувајќи го својот богат опус на композиции со кои како амбасадори на културата ја преставуваат државата низ светот повеќе од 25 години.

На 6 септември на скопската тврдина Кале, ексклузивен концерт на Влатко Стефановски со симфонискиот оркестар, под диригентска палка на Џијан Емин.

„Македонското општество е мулти национална и мулти културна заедница, редок пример не само на балканските простори туку и многу пошироко. Мулти националнoста особено се отсликува во културата, и пред се во музиката, како нејзин најекспониран сегмент. Нашата држава е ризница на талентирани музички автори, кои создавале и создаваат уникатни музички дела, со висока музичка вредност, од различни жанрови. Прославата на 30 години независност е одлична можност да се потсетиме какво музичко богатство поседуваме“, велат од Баги Комуникации, организатори на концертите.

Сите настани ќе бидат организирани согласно важечките протоколи за организација на настани и ќе бидат безбедни за публиката. Билетите за секој концерт се во ограничен број и чинат 200 денари, а можат да се набават онлајн на www.bileti.mk.

Воедно, концертите ќе бидат емитувани на програмата на Македонската Телевизија а ќе бидат пренесувани и на интернет, со цел што повеќе граѓани да можат да ги проследат.

Проектот е поддржан од Владата на РСМ преку јавниот повик за финансиска поддршка за организација на настани по повод 30 години од државноста.