Музика за социјални промени – четврти хуманитарен музички настан

Со цел да ги заинтересираат младите за тоа што се случува околу нив, група ентузијасти од разни етнички националности доаѓаат до идеја да организираат музички настани од хуманитарен карактер. Обединети под името „Music for social change Not for profit“, овие млади луѓе по четврти пат организираат хуманитарен музички настан, а собрaните средства ќе ги донираат на загрозени семејства во Скопје.

„Сега за сега избираме семејства само во Скопје, меѓутоа во иднина би сакале да се прошириме во цела Македонија. Дај боже и оваа и следната година, па дури и по 20 години да се организираат такви настани, бидејќи тоа и е потребно на нашата држава“, вели Ведат Фета за Радио МОФ.

Оваа година донациите ќе бидат поделени кај две семејства, едното од македонска, другото од албанска нациналност. Една од целите на оваа група е да ги инспирираат младите да организираат такви настани и да увидат дека не е се во профитот, туку треба да се активираат за да донесат позитивни општествени промени.

Настанот оваа година ќе се одржи вечерва (8 мај) во клубот „Block Club“ во т.ц. „Мавровка“, со почеток во 21 часот. Влезниците ќе бидат со симболична цена од 100 денари.

„Минатата година имавме скоро 500 луѓе, а оваа година очекуваме бројката да се зголеми. Големината на човекот се мери по неговата хуманост,“додава Фета.

Меѓу учесниците на хуманитарниот настан ќе настапат изведувачи од домашната сцена, но и од соседството. Дел од настанот ќе бидат: DJ Гоце Саф, Елинел, Иги Ман, Foolish Green, Амон Мра и Лаура Крлиу.

И.Ч.