„Музика – сега“ од Пендаровски побара ревизија на протоколите за музичарите

Претставниците на Здружението „Музика сега“ се сретнаа  претседателот Стево Пендаровски, од кого бараат заложба со цел Владата да укине дел од анти-ковид мерките кои ја загрозуваат егзистенцијата на семејствата на музичарите, бараат организирање на музички настани со општински пари и парична помош за оние семејства во кои брачните другари живеат од музиката.

„Музика сега” го информираа претседателот Пендаровски за предизвиците и тешкотиите со коишто се соочуваат музичарите поради пандемијата на ковид-19. На средбата тие побараа итна ревизија на сите протоколи што се однесуваат на музичарите и на музичките работници, информира кабинетот на Шефот на државата.

„Претставниците од ова здружение рекоа дека бараат средби со Комисијата за заразни болести на кои би се разгледувале тековните состојби и актуелни проблеми со кои се соочуваат членовите на ова здружение, но и другите здруженија од сродните области. Тие најавија дека ќе поднесат и предлог до Владата и до Министерството за култура за организирање музички настани на територијата на целата држава со општински пари, а со цел децентрализација на културата, како и барање за поголема и поправична застапеност на македонските музичари во медиумите. Како итно барање, претставниците од Здружението ја истакнаа потребата од помош на семејствата каде двајцата сопружници работат во музичката област”.

Во соопштението се наведува дека претседателот Пендаровски посочил дека само преку одговорен пристап, исклучиво во согласност со актуелната состојба, која подразбира стриктно почитување на здравствените протоколи, може да се бараат и изнаоѓаат решенија за работата на засегнатите музичари и музички работници.

Здружението за унапредување на правата на музичарите „Музика сега” кое функционира од јули годинава брои околу 2000 членови и приврзаници и е формирано за исполнување на долгорочни планови, идеи и програми кои би придонеле кон целокупно подигање на културната и музичката сцена.