Музички настан во „Кино Култура“: Креирање и издавање музика во дигитална средина

Во „Кино Култура“ во сабота (7 декември) ќе се одржува настанот „Креирање и издавање музика во дигитална средина“, со дискусија и концерт – импровизација во живо.

На темата од настанот од 20 часот ќе дискутираат Андреја Ристески – Салпе, Дени Омерагиќ и Мирко Попов, под модераторство на Виолета Качакова. Првиот дел, преку еден дискурзивен пристап ќе се бави со начинот на создавање, издавање и промоција на музика во ерата на дигитализација.

„Интернетот и дигиталните платформи отворија нови можности за креирање на аудио и музиката култура, можноста за нејзино издавање за различни дигитални издавачки куќи, како и дистрибуција и промоција во рамки на нов дигитален пазар кој не познава територијални граници, и работи по нови принципи на глобално ниво во рамки на новите ИТ економии и екологии“, стои во објаснувањето за дискусијата.

Потоа, од 22 часот ќе започне концертот со Панче Бујуклиев и „Кантон 6 трио“ (Мирко Попов, Синиша Евтимов и Владан Дробицки).

„Во рамки на настанот ќе се промовира и изданието Interactive Music Lab на Kanton6-Teichman Quintet, кое произлезе од истоимениот проект Interactive Music Lab реализиран во Кино Култура оваа година како работилница и импро сесија во живо“, стои во најавата за настанот.

„Креирање и издавање музика во дигитална средина” е настан организиран од „Локомотива Скопје“, како дел од програмата за музика на „Локомотива“ во „Кино Култура“ во рамки на која се истражува, контекстуализира и дискутира за музичката култура, но истовремено со креира и платформа за нејзина продукција и промоција.

Настанот се реализира во соработка со „ПМГ Рекордингс“ и е поддржан од Град Скопје и Општина Центар. Изданието/проект Interactive Music Lab е подржано од Гете Институтот од Скопје.