Музички фестивал во Романија наплаќа билети во крв

Фестивалот Untold, кој се одржува во романскиот град Клуж, оваа година им нуди на посетителите да ги платат своите билети со донација на крв, а кампањата, во која дел од крводарителите добиваат целосни билети, а дел попусти на вкупната цена, се вика „Плати во крв“.

Организаторите работат заедно со романските државни органи и со Црвениот крст, во обид да се надмине големиот недостаток од крв во болниците во Романија во моментов.

„’Плати во крв’ е оригинална и храбра иницијатива, која ја подига свеста за вистинската потреба од крв во Романија. Сакавме активно да придонесеме да се зголеми бројот на донатори на крв, а во исто време, да им понудиме на посетителите уникатен начин да платат за фестивалски билет, вели во официјалното соопштение Адријан Чережи, директорот на маркетинг и комуникации на фестивалот, кој ќе се одржи од 30 јули до 2 август.

Во десет денови од овој месец, посебни центри за трансфузија биле отворени во 42 романски градови, меѓу кои е и Клуже, вториот поголемина град во земјата. Донаторите кои давале крв преку викендот добиле бесплатни билети, додека останатите добиле големи попусти за купување преку интернет. На фестивалот годинава ќе настапат преку 120 артисти, меѓу кои и John Newman, Wilkinson, Sasha, John Digweed, Avicii, David Guetta и Wu-Tang Clan.

Само 1.7 проценти од Романците даруваат крв на годишно ниво, а организаторите на фестивалот се надеваат дека бројот на луѓе кои ќе дадат крв преку оваа акција ќе достигне до 500.

„Потребата за крв е многу голема, во целата земја, а особено во Букурешт“, вели Доина Гоша, докторка во центарот за трансфузија во главниот град.