Музички фестивал „Слободна зона“ во Виница на 30 август

По повод 75 години од ослободувањето на градот од фашизмот, а во рамките на повеќедневната манифестација Виница – Слободен град, на 30 август (петок) во градскиот парк во Виница ќе се одржи музичкиот фестивал „Слободна зона“.

На фестивалот ќе настапат следниве музички групи: Александар Велики – Скопје, Дактили – Струмица, КИ – Куманово, ПМГ Колектив – Скопје, Пука козметика – Скопје и Роботек од Скопје.

Истиот ден, во склоп на фестивалот, во 17:30 часот во градскиот парк ќе бидат промовирани книгите „Македонска дискографија – Винили (1958 – 2019)“ и „Македонска рок енциклопедија (1963 – 2018)“, енциклопедиски дела на авторот Тошо Филиповски, а во издание на „Corpus delicti records“.

Настанот е целосно поддржан од општината и Домот за култура „Тошо Арсов“. Ова е седмо по ред издание на фестивалот, по пауза од неколку години, чија идејна и организациона изведба е на група млади ентузијасти. Идејата е фестивалот да стане традиција која би оставила траен белег на културното живеење на градот.

Покрај музичкиот фестивал, во рамките на повеќедневната манифестација Виница – Слободен град ќе се одржат повеќе настани: Винеам куп во фудбал, велосипедска трка, ликовна колонија, маратон „Чупино треил“, промоции на книги, проекција на долгометражниот цртан филм „Неверојатната приказна за џиновската круша“ итн…