Музичката младина ќе свири за маестро Ѓумар

Камерниот оркестар на музичка младина на Македонија организира концерт во чест на својот долгогодишен соработник, еден од најзначајните и најистакнати диригенти и професори Саша Николовски-Ѓумар кој почина лани.

Концертот ќе се реализира под раководство на една од најперспективните диригенти од младата генерација – Дијана Имери Илкоска, која по дипломирањето во класата на проф. Саша Николовски-Ѓумар бележи бројни успеси и соработки со престижни оркестри и ансамбли како Македонската Филхармонија, Македонска Опера и Балет, Оркестар и Хор на Бугарското Национално Радио, Камерниот Оркестар на МММ, Камерниот и Симфонискиот Оркестар на ФМУ, Мешаниот Хор при ФМУ и други престижни ансамбли. 

Како гостин-солист на концертот ќе настапи еден од нашите најбарани пијанисти со европско реноме – Дино Имери, кој ќе го изведе Концертот бр.4 од Л. ван Бетовен веднаш по своите гостувања во Загреб (каде потпиша ексклузивен договор со менаџерската куќа Кристофориум Арт) и Софија (каде по трет пат соработува со престижната Софиска Филхармонија). На останатиот дел од програмата ќе бидат изведени композиции од Ј. С. Бах и В. А. Моцарт. 

Овој камерен оркестар низ својата богата историја остварува бројни успеси низ најпрестижните музички центри во Европа.

Концертот се реализира во организација на Музичка младина на Македонија и Македонската Филхармонија.

ПРОГРАМА:
– Ј. С. Бах – Арија
– В. А. Моцарт – “Eine Kleine Nachtmusik”
– Л. ван Бетовен – Концерт за пијано и оркестар бр.4 во G-dur
(арр. за гудачки оркестар на В. Лахнер)