„Фантазија“ е насловот на овогодишниот традиционален концерт на Македонската филхармонија кој ќе се одржи во петок, на 13 јуни, со почеток во 20:30 часот во Градски парк. На програмата е музиката од анимирани филмови од продукцијата на „Дизни“, а диригент е Тимоти Редмонд од Велика Британија. Како солисти ќе настапат сопранистката Биљана Јосифов, тенорот Денис Димоски и бас баритонот Иван Наумовски.
На концертот ќе се изведат избрани композиции од „Малечката сирена“, „Убавицата и ѕверот“, „Херкулес“, „Покахонтас“, „Аладин“, „Книга на џунглата“, „Снежно кралство“, „Кралот лав“, „Приказна за играчките“ и други.
„Насловот на концертот е извлечен од истоимениот анимиран филм ‘Фантазија’ во кој дејстивието се гради на осум класични музички дела во изведба на Филхармонискиот оркестар од Филаделфија под диригентската палка на Леополд Стоковски“, вели Мустафа Имери, директор на Македонската филхармонија.
Имери истакнува дека програмскиот концепт е наменет за широк круг на публика, затоа што музиката од овие филмови е безвременска, како што се и самите филмови со кои израснаа, и се уште растат новите генерации.
Музичката изведба ќе биде надополенета и со видео фрагменти од филмовите и со специјално осветлување кое, како што велат организаторите, на публиката ќе и понуди уште едно незаборавно доживување под отворено ѕвезедено небо со оркестарот на Македонската филхармонија.
Со „Фантазија“ Македонската филхармонија ќе го заокружи официјалниот дел од оваа концертна сезона.