„Најпопуларната музика во едно општество е секогаш огледало на политичката елита која го води општеството“. Токму со овој цитат на Рамбо Амадеус, Тошо Филиповски, еден од организаторите, ја отвори дебатата „Рокенролот како саундтрак за новото Министерство за култура“.
Во Македонија алтернативната сцена во изминатите години забележи невиден пад. Во време на турбо-фолк и субвенционирана музика, концертите и фестивалите беа централизирани во Скопје, а понудата беше еднолична. Сега, со ново Министерство за култура, рокенрол музичарите и музиколозите од Македонија, преку дебата дискутираа за тоа зошто е неопходно рокот да биде дел од официјалната програма на министерството и каков ефект тоа би имало на јавното мислење.
Гитаристот Влатко Стефановски вели дека најпотребно од сè е да се создаде место каде младите рок бендови ќе настапуваат и вежбаат.
„Ние не сме адекватни ниту за новата филхармонија, ниту за новиот театар, ниту за Дом на АРМ, ниту пак кино Фросина во МКЦ. Едноставно, нема место каде да се свири“, смета тој.
Додава и дека е апсурдно да мора да се бараат пари од Владата со молба, за да може музичарот да одржи концерт или да сними албум.
„Како статусот кој го уживам како самостоен уметник веќе 30 години, мене ми е срам да треба да побарам пари од министерство за било кој мој проект. Има мои колеги кои пишуваат молби и добиваат пари“, додава.
Како потенцијални мерки за реформирање на музичкиот пазар и поттикнување на создаваштвото, тој предлага да нема ДДВ на картите за концертите, на музичарите да им се овозможи бенефиции при набавка на инструменти, односно поевтина царина, како и поголеми средства за снимање на нови албуми.
Додава и дека иако е најпознат македонски гитарист кој има долга и плодна кариера, не забележал дека државата му се заблагодарила на било каков начин за неговата работа.
„Во мојот живот долг 60 години, не сум добил ниту една државна награда од Македонија“, вели Стефановски, потенцирајќи го тоа дека веќе 40 години е амбасадор на македонската музика и култура. „Ова не е апел да ја добијам, туку само за да ви кажам како стојат работите“.
„Рок музиката е маргинализирана уметност, ако не и целосно игнорирана во последните 15-тина години во Македонија. А, моето мислење е дека се работи за еден сосема сериозен фактор на потенцијално слободарски дух од којшто политичарите сфатија дека треба да се плашат да не се ослободи. Затоа ни пуштаа магла од минатото цело време, да не ги гледаме сегашноста и иднината“, вели Филиповски.
Тој додава дека е неопходно музичарите и сцената да извршат притисок врз Министерството.
„Треба да се преземат конкретни мерки со кои рок културата ќе се препознае како комплексна и релевантна културна дејност, еднаква со другите културни дејности кои се финансираат како јавни потреби во културата. Тој предлага ова да се направи преку нови програми за финансирање, или преку ревидирање на постојните. Не сакаме министерство кое нема слух за рокенрол културата“.
Согласна е и Јулијана Папазова, која има напишано докторат токму за рокенрол движењето, а работи како професорка на Факултетот за музички уметности.
Приврзаниците на рокот се секогаш против негативните и деструктивните ефекти во едно општество, како на пример војни, расизам или еколошки катастрофи. Од овој аспект, рок музиката е социјално ангажирана култура којашто најчесто е на спротивна страна од доминантната култура. Но, во одредени моменти, кога чувствуваме потреба дека треба да се случи некоја вонредна промена во културата, тогаш според мене рок музиката треба да биде вклучена директно во официјалната културна политика“, објаснува таа.
На дебатата присуствуваше и новиот министер за култура, Роберт Алаѓозовски, кој пред да ја добие оваа функција на рокенрол заедницата и беше познат како растафаријанец, љубител на алтернативата и човек кој редовно може да се види на концерти и фестивали.
Алаѓозовски изјави дека актуелниот Стратешки план на Министерството за култура завршува во 2017, така што од 1 јануари 2018 ќе се почне од почеток:
„Во првите три месеци ќе направиме ревизија, евалуација, а во вториот квартал од годината ќе направиме дебати кои ќе треба да доведат до создавање на новиот стратешки и акциски план“.
Министерот Алаѓозовски подвлекува и дека е неопходна самоорганизација на оваа супкултура, бидејќи тоа е неопходно за да се формулираат барањата кои музичарите ги имаат за алтернативната сцена да се развива во добар правец.
„Македонија е мал пазар во кој урбаната култура беше запоставена. А, има толку позитивни елементи во себе – слободарски и демократски, па заслужува да биде поддржана од државата“, заклучува тој.
Стефанија Тенекеџиева