Мужниекс: Медиумите неодговорно го покриваат ромското прашање

Комесарот за човекови права на Советот на Европа, Нилс Мужниекс остро и критички се осврна на начинот на кој медиумите зборуваат за ромското прашање, пренесува дописникот на МИА од Стразбур.

Мужниекс: Медиумите неодговорно го покриваат ромското прашање

„Постојаниот проблем на негативно претставување на малцинствата во медиумите брутално излезе на површина со аферите кои се однесуваат на децата откриени во ромските семејства во Грција и Ирска. Најголемиот број од медиумите во Европа и во другите делови на светот, инсистираа на етничкото потекло на семејствата на кои им беа одземени децата, што само придонесува да продолжат старите митови според кои Ромите вообичаено крадат деца“, вели комесарот Мужниекс во отвореното писмо испратено до новинарите.

„Овој неодговорен начин да се преставуваат фактите, може да има значајни последици за животот на милиони Роми и да го потхранува движењето на насилството на кое се изложени Ромите. Ова и покрај тоа што Ромите не се повеќе наклонети кон криминалитетот во споредба со другите групи, инсистирањето со кое медиумите ја наведуваат етничката припадност во вестите го одржуваат митот според кој Ромите се криминалци по природа. Тоа не само што не е точно, туку е и опасно, бидејќи се ризикува да ги разгори уште повеќе тензиите меѓу Ромите и мнозинското население во цела Европа“,продолжува понатаму Комесарот за човекови права на СЕ.

„Дифузијата на оваа негативна слика може исто така да ги попречи и напорите за интеграција: како можеме ние да очекуваме од Ромите да се интегрираат во нашето општество ако медиумите не пропуштаат прилика да потсетат дека се непожелни?“, прашува Комесарот Мужниекс.

„Ги повикувам новинарите кои ги покриваат овие случаи да размислат и да се запрашаат дали навистина е потребно да се прецизира етничкото потекло, ако главниот интерес на детето, посебно неговото право на приватност, е земено предвид и ако пресумпцијата на невиност е почитувана.

Искуството ни покажува дека дијаболизацијата на една група на лица во медиумите може да има катастрофални политички и општествени последици. Потребно е медиумите на најодговорен начин да ја користат нивната моќ за влијание врз јавното мислење кога зборуваат за малцинствата воопшто и посебно за Ромите“, завршува Комесарот за човекови права на Советот на Европа во писмото упатено до новинарите.