„Мустаќлии“ – изложба на портрети инспирирана од #Movember

Националната галерија вечерва во Мала станица ќе отвори изложба насловена „Мустаќлии“, приклучувајќи се на глобалната кампања – Movember што се организира секоја година во ноември, а со која се подигнува свеста за машкото здравје.

Изложбата е прво издание на проектот „Од поинаков дискурс“ кој ќе вклучи интелектуалци чија дејност не е тесно поврзана со ликовната уметност, критика и теорија, кои во соработка со куратор од галеријата ќе работат на некоја тема инспирирана од богатата колекција на Националната галерија.

За првото издание Галеријата го покани Владимир Мартиновски, професор, поет, писател, есеист, раскажувач, теоретичар, книжевен преведувач кој ја предложи темата „Мустаќлии“, а негов ко-куратор беше виш кустос Ана Франговска.

„Преку избор од педесетина портрети на мажи со мустаќи од богатата колекција на Националната галерија на Македонија, реализирани во различни ликовни техники, изложбата „Мустаќлии“ има за цел да загатне низа естетски, семиотички, антрополошки, социолошки, културолошки и родови аспекти на овој феномен, наведува, меѓу другото, Мартиновски.

Изложбата во мала станица ќе може да се посети до 8 декември 2019.