Мултимедијалниот проект „Континуум“ на Игор Јосифов на 4 март пристигнува во Битола

Патувачката изложба „Континуум“ на мултимедијалниот уметник од Сан Франциско со македонско потекло, Игор Јосифов, пристигнува и пред битолската публика.

Отворањето на овој мултимедијален проект е најавено за 4 март во уметничката галерија „Магаза“, со почеток во 19:30 часот.

Како музичка поддршка за време на изложбата во Битола ќе биде задолжен диџејот Никола Илиевски кој настапува под уметничкото име Robotnix. Изложбата ќе биде отворена до 11 март.

„‘Континуум’ претставува уметничка збирка од дестгодишната работа на Јосифов и содржи арт-филмови, дела изработени со рефлексија од оган и жив настап, односно перформанс. Оганот е неговиот најдобар пријател, но и оружје со кое ги разоружува емоциите и создава уметност“, стои во описот на проектот.

Премиерното претставување на овој уникатен уметнички производ беше на 16 декември 2016 година во Младинскиот културен центар во Скопје. „Континуум“ доби патувачки карактер вклучувајќи неколку градови во Македонија (Скопје, Тетово, Кичево и сега Битола).

Во април 2017 година ќе отпатува за Чикаго и ќе биде изложена во „Defibrillator Performance Art Gallery“.