Мултимедијалниот проект „Имагинарни знамиња“ од Маја Стефановска и Ален Реџепагиќ изложен во „Мала Станица“

На 11 декември во мултимедијалниот центар „Мала Станица“, со почеток од 20:00 часот, ќе биде изложен мултимедијалниот проект „Имагинарни знамиња“ од Маја Стефановска и Ален Реџепагиќ.
Нивниот проект претходно беше изведен во рамките на 35-от интернационален фестивал „Сараевска зима“ во периодот од 19 до 26 февруари 2019 година во Сараево, Босна и Херцеговина.
Проектот  има мултимедијален израз, составен е од 12 отпечатоци со димензии 115×160, видео документација, аудио запис и перформанс.

Според Весна Дамчевска,  отпечатоците претставуваат имагинарни знамиња (амблеми) без конкретни симболи на каква било припадност односно национална, верска, политичка, расна и родова, така што мотивите не упатуваат, ниту пак асоцираат на одредена заедница или идентитет. Тие единствено ги претставуваат вистинските и трајни човекови вредности како емпатија, љубов, култура, животни ресурси, односно симболизираат благосостојба и се репрезент на она што е суштинско во битисувањето наспроти формализацијата од каков било вид.Според последниот попис на населението во светот постојат 258 држави, а секоја од нив има свое знаме што ја симболизира конкретната земја. Кога размислуваме за текот на настанокот на знамето на некоја држава обично се зема предвид историјата на таа земја и како таа се менувала и надградувала. Најголемиот број знамиња се во облик на правоаголник, иако има и такви со квадратен или триаголен облик, а мотивите и боите исто така се разликуваат, главно тоа се различни ленти, геометриски форми, крстови, ѕвезди, животни и сл., но нивната комбинација е секогаш уникатна.

Отпечатоците што се дел од проектот  „Имагинарни знамиња“ на секој начин се обидуваат да избегаат од какво било поистоветување со одреден идентитет, но од друга страна задржуваат одредени карактеристики на постоечките знамиња, како правоаголна форма и мотиви што веќе се користени, со цел да укажат на неможноста да се опстои без некакво општествено устројство. Знамето како мотив е избрано затоа што претставува најсилен визуелен начин на брендирање на една заедница која пред суштинските вредности како праводољубието, љубовта, честа и  доблеста, сака да ги истакне идентитските вредности во смисла на национален, религиски, етнички и културен идентитет. 

Перформансот претставува наизменично уништување и обновување на изложените знамиња во просторот на галеријата. Прво, поставување на знамињата на своевиден јарбол, а потоа буквално уништување со кинење на материјалот, како последица на деструкција, гнев, револт, фрустрација и немоќ. Истрајноста на човековите вредности, пак, е прикажана со повторно поставување на нови знамиња. Во видеото ќе биде прикажано репетативното уништување и обновување на вредностите, а впечатокот ќе биде засилен со аудио запис на снимени звуци на бучава, бесни извици, ракоплескање, свирежи како израз на чувства што ги предизвикува издигнувањето или уништувањето на едно знаме; чувства на бес и гнев, но и чувства на слава, гордост и верност.

Целта на проектот е да ја покаже неуништливоста на суштинските човечки вредности. Преку употребата на знамето како визуелен елемент се укажува на различниот идентитет на поединецот: личен, колективниот и националниот, кој најчесто е извор на бројни конфликти во општеството. Но со неговото симболично уништување има за цел да се покаже дека она што останува зад таа различност, која не мора да биде интрепретирана во негативен контекст, е основната човекова вредност, да се биде човек, пред и над се`.