Во вторник, со почеток во 20:00 часот, во ТРН (Дебар Маало, спроти Министерство за
култура), ќе се одржи Отворен вторник со Васил Тасевски – мултимедијална и
перформативна вечер која вклучува промоција на уметникова книга, видео-арт проекција
и музичко-перформативна програма во живо.
Во рамки на настанот ќе биде промовирана уметниковата книга „Отпечатени впечатоци“
изработена во техника сито печат, создадена за време на кратка, но интензивна
резиденција во студиото на Партизанска штампа. Покрај промоцијата, ќе биде прикажана
селекција од неколку кратки филмови на авторот, реализирани за време на резиденцијални
престои на авторот во Франција. Вечерта ќе биде збогатена со внимателно курирана
музичка селекција од диџеј Владимир Муратовски – Диво, колаж-работилница на Скопје
Колаж Колектив, како и специјално музичко изненадување – музички настап на Дарко
Тасевски.
Книгата претставува серија фотографии печатени во сито печат, преку кои авторот
пренесува несвесни и интензивни впечатоци од патувања што со текот на времето се
развиваат во визуелни и лични приказни. Соработка на Партизанска штампа со Васил
Тасевски започнува во рамки на Уметничката резиденција Папрадиште соединувајќи ги
практиките на фотографијата, хемиграмот, талкањето и графиката во активен процес на
размена и заедничка продукција.
Васил Тасевски (р. 1984, Скопје) е визуелен и перформативен уметник чија практика се
развива околу аналогната фотографија, телото, движењето и односот меѓу светлината и
просторот. Образуван во Франција, во областа на циркуските уметности и современата
уметност, Тасевски ја третира фотографијата како жив, временски условен и чувствителен
медиум. Неговата работа опфаќа инсталации, перформанси и просторни уреди, и е
претставена во бројни проекти и изложби во Франција и Македонија, меѓу кои „Осетливи
ткива“ (Музеј на Македонија, 2023) и „Осетливи површини“ (Лориент, 2025).
Настанот е дел од новата програма на Партизанска штампа, со која се најавува серија
резиденцијални престои на уметници блиски до срцето на печатницата, чие творештво ќе
се претставува надвор од галериски простори водени од идејата за современа уметност во
неформален, жив и отворен контекст.




