Мултимедијален настан: Во чевлите на бегалците

Перформанс, изложба на фотографии, проекција и интерактивни содржини создадени како резултат на проектот „Во чевлите на бегалците – Младинска солидарност преку Медиа/Арт“ ќе може да се видат во Јавна соба на 26 мај. На мултимедијалниот настан преку креативност, нови медиуми и интеракција со публиката, младите автори ќе се обидат да ја раскажат и приближат приказната на бегалците. Во проектот беа вклучени повеќе од 80 млади луѓе на возраст помеѓу 16 и 25 години.

Со почеток во 20:00 часот во Јавна Соба, ќе биде изведен перформансот „Нивниот пат“ кој ја раскажува приказната за децата кои изодеа илјадници километри трнлив пат за да се спасат, а ги изгубија најблиските. Овојпат, публиката ќе го минува патот, а тие ќе седат заробени во место, како нивните дества заробени во невремето.

Вo 21:00 часот ќе биде отворена изложбата на фотографии „Луѓето од Винојуг“, каде присутните низ 30-тина фотографии ќе можат да ги запознаат мажите, жените и децата кои веќе подолго време престојуваат во кампот во Гевгелија, по што ќе следи проекција на видеа „Приказни од кампот“, а присутните ќе може да ја погледнат и интерактивната уметничка инсталација „До новиот почеток“. Во склоп на настанот, присутните ќе имаат можност да го проследат и музичкиот настап во живо на кваретот „TawuseMelek” чие творештво низ современа призма ги раскажува звуците на преданијата од Блиско-источниот регион.

„Миграцијата е горлив проблем со кој нашата држава интензивно се соочува особено во изминатата година. Истовремено, тоа е и доста сложено прашање во кое се испреплетуваат бројни фактори и чинители. Токму поради комплексноста, повеќето од просечните граѓани имаат недоволно информации по однос на оваа тема. Со цел да помогнеме во создавањето на објективен став околу миграцијата, како и да ги минимизираме предрасудите и стереотипите кои најчесто се резултат на несоодветна информираност, МОФ и партнерите го организираа овој проект чија главна цел е создавање на мост од солидарност помеѓу младите, граѓаните и бегалците. Преку тематски предавања но, и преку креативни работилници, учесниците во проектот дознаа и ќе се обидат да пренесат како може индивидуалецот да помогне на луѓето кои се засегнати од бегалската криза, но и да ја разбере улогата на сите засегнати страни (државните органи, институциите и меѓународните организации) кои се посветени на разрешување на кризата“, се вели во најавата за настанот.