Мултимедијален настан „Улица“ во Концепт 37

Вo петок (7 февруари) во Концепт 37 ќе се одржи мултимедијалниот настан „Улица“ во рамките на одбележувањето на Меѓународната недела на продавачите на уличен печат. Организатор на настанот, чиј почеток е закажан во 20.30 часот, е единствениот уличен весник во Македонија „Лице в лице“.

Мултимедијален настан „Улица“ со „Лице в лице“ во Концепт 37

Во рамките на настанот ќе биде прикажана изложба на фотографиите на Томислав Георгиев и Роберт Атанасовски. Со свои литературни записи ќе се претстават Никола Маџиров, Ирена Јорданова, Николина Андова, Иван Шопов, Ана Голејшка, Дарко Лешоски, Биљана Стојановска и Маја Васева, а најавен е и перформанс на ИНКА каде учествуваат Кристина Тодороска – Петреска и Климент Попоски заедно со продавачите на „Лице в лице“.

Присутните ќе може да се забавуваат со музиката на Мамут и Јашем , а настанот во Концепт 37 ќе биде искористен за промоција на новиот, 9-ти број на списанието„Лице в лице“.

И годинава Македонија се вклучи во одбележувањето на Меѓународната недела на продавачи на уличен печат, глобален настан кој го слави претприемачкиот дух и треба да го крене гласот на ранливите групи во борбата против сиромаштијата.  Одбележувањето кое започна на трети февруари, ќе трае до крајот на неделата и во фокусот ја става борбата на луѓето на маргините преку работа во улично списание или весник и преку развој на своите вештини да и застанат на патот на бедата, но и да го свртат вниманието на јавноста кон социјалните проблеми.  Во Македонија единствено вакво списание е „Лице в лице“ кое заедно со уличните списанија и весници ширум светот овозможуваат нови работни места и помагаат на маргинализираните да станат активни граѓани.