Мултимедијален настан: Слобода е…

НВО Инфоцентарот и Младинскиот образовен форум (МОФ), на 2 декември 2013 година (понеделник), во 12 часот, во фоајето на Младинскиот културен центар (МКЦ), во Скопје, ќе организираат завршен мултимедијален настан на проектот „Млади промотори на слободата на изразување“.

Мултимедијален настан: Слобода е…

На настанот ќе бидат претставени сите кампањи и мултимедијални содржини (младински локални кампањи, фотографии, репортажни филмови, радио прилози, постери и есеи), кои четириесетина млади активисти од цела Македонија, ги реализираа и ги подготвија, а кои се однесуваат на слободата на изразување, борбата против говорот на омраза и заштитата на човековите права.

Во рамките на овој мултимедијален настан ќе биде организирана и дебата насловена „Храброст или страв – што е посилно во борбата за слободно изразување?

Панелистит Суад Мисини, граѓански активист и аналитичар; Петрит Сарачини, активист и експерт за медиуми; Љупчо Бубо Каров, К-15, Кристина Леловац, актерка и Марјан Забрчанец, МОФ, ќе зборуваат за (не)почитувањето на граѓанските, политичките, медиумските и младинските слободи, но и за тоа колку уметноста, творештвото, хуморот и сатирата се слободни во Македонија. Модератор на дискусијата ќе биде Билјана Бејкова од НВО Инфоцентарот.

НВО Инфоцентарот и МОФ, преку проектот „Млади промотори на слободата на изразување“, финансиран од Европската унија, преку Европскиот инструмент за демократија и човекови права (ЕИДХР), сакаат да ја поттикнат креативноста на младите луѓе, но уште повеќе, да ги охрабрат и да ги обучат младите да бидат активни, гласни и видливи во битката за слободата на изразување и заштита на човековите права.