Мултимедијален настан „МКЦ за Скопје“ во недела

Младинскиот културен центар во недела со настанот „МКЦ за Скопје“ ќе одбележи 57 години од скопскиот земјотрес. Настанот, како што велат од МКЦ, „не потсетува на солидарноста на скопјани, на солидарноста кон Скопје, на интензивноста, обединетоста и хуманоста на луѓето“.

Од 19 часот и 30 минути, граѓаните ќе можат да ја проследат изложбата „Култните градби во Скопје“. Изложбата е избор на фотографии од проектот „101 најзначајни градби во Скопје“, која ги претставува култните градби во градот Скопје, а е надополнета и со видеопроекција.

Во 20 часот е закажана промоција на книгата „Скопје: изгубените чевли на градот“ од Иван Шопов. Книгата содржи осумдесетина микрораскази посветени на „невидливиот“ дел на Скопје. Како што наведуваат од МКЦ, за книгата ќе зборува Владимир Јанковски, а раскази ќе чита Ѓоко Здравески.

Од 21 часот ќе се одржи настап на „Импров Група“, додека од 22 часот почнува музичката програма каде ќе настапат музичките групи „Перија“, „21 век“ и „Ен2три“.

Од МКЦ посочуваат дека настанот ќе биде реализиран по соодветниот протокол, со запазување на препорачаните мерки за заштита.

Како што додаваат оттаму, бројот на посетители е ограничен, а влез може да се обезбеди со бесплатните билети кои можат да се набават преку bileti.mkc.mk.