Четири часа дружење, видео проекции, презентации, музика и стихови се најавуваат вечерва во „Рокафана“ во Битола, на мултимедијалниот настан посветен на граѓанското новинарство „ Известувам без страв и без цензура“. Настанот, кој започнува во 19:30, го организира „ЦИВИЛ – Центар за слобода“ во соработка со организацијата „За нас се работи“.
Организаторите напоменуваат дека микрофонот ќе биде отворен за сите што ќе сакаат да споделат свој став или искуство со јавноста.
„Тимот на ЦИВИЛ ќе сподели информации за граѓанското новинарство како алатка за мониторинг на случаите на кршење на човековите права и гласачкото право. Видео проекцијата ќе вклучи прилози од акцијата „Барам одговор“, неколку наградени трудови на граѓанските новинарки и новинари, како и најуспешните резултати од кооперативното новинарство, поточно прилози на граѓанските новинар(к)и во соработка со тимот на ЦИВИЛ Медиа. Музичкиот избор ќе биде уникатен, како и сè друго во програмата“, најавуваат организаторите.
Презентациите ќе ги одржи Џабир Дерала, во соработка со тимот на ЦИВИЛ, а на публиката се очекува да им се обратат и домаќините, претставници на организацијата „За нас се работи“.
Настанот е дел од проектот на ЦИВИЛ – „Граѓански објектив“.