Мултимедијален фестивал во Виница – Слободна Зона 5

Со мотото „Остави трага“ фестивалот Слободна Зона, во организација на здружението ОЗТ Фабрика кој ќе се одржи од 29 до 31 август во Виница, по петти пат создава простор за слободно творење, креација и уметничка експресија, промисла и развивање на креативниот потенцијал.

Мултимедијален фестивал во Виница - Слободна Зона 5

И оваа година ќе отвори слободна зона во која низ трите дена ќе може да се проследи најсвежото од македонската (па и регионална) музика, најдоброто од локалната уметничка сцена, префинета поезија и театар, креативни ракотворби, како и најфиниот пресек на иницијативи претставен преку презентации и дискусии и учество во креативни работилници, најавуваат организаторите.

Фестивалот ќе биде отворен со изложба на инсталации на три наши современи уметници, промислувајќи го односот помеѓу човекот и природата во судирот на денешниот цивилизациски контекст, па ќе продолжи со интерактивни дискусии со новинарката Ана Јовковска и иницијативата дебатно кино „Контра-Кадар“ од Битола, отворајќи теми од социјално политички карактер.

Публиката ќе има можност да проследи и изложба на младиот уметник Владимир Лукаш, а нема да бидат изоставени ни театарот и позијата. Преку родово сензитивни прашања, во ист ден ќе се разоткријат и ќе ја испровоцираат публиката младите поетеси Ана Голејшка и Снежана Стојчевска, како и актерките во театарската претстава „Лузни“, во режија на Драгана Стојчевска.

За концертната вечер, на 30 aвгуст, денот на ослободувањето на градот од фашизмот кој не случајно е земен за датум на фестивалот, во градскиот парк следува музички бум од локалната поддршка Хендикеп и Anna O., потоа настапуваат Culture Development, Fonija, Milko, Green Out и Bernays Propaganda.

Настап ќе има и лисабонката Рита Брага, којашто со својот еклектичен репертоар од песни и соло настап со вокал и укелеле настапуваше пред скопската публика пред неколку месеци, а овојпат во својата балканска турнеја ја посетува и Виница. На 31 август фестивалот ќе го затвори скопскиот џез состав Next to Silence. За време на фестивалот како и неколку денови претходно ќе има креативна работилница за печатење на маици, дел од промотивниот материјал на СЛОБОДНА ЗОНА 5.