Мултиетничкиот синдикат за образование го поддржува штрајкот најавен од СОНК

Мултиетничкиот синдикат за образование (МЕСО) го поддржува најавениот штрајк во образованието од СОНК за 20 јануари 2015 година. Синдикатот, ги повикува своите членови, како и вработените во образованието кои не се синдикално организирани, да се вклучат во штрајкот организиран од СОНК.

„Проблемите во образованието се исти и сите треба со заеднички сили да се избориме тие да се подобрат“, се вели во соопштението.

„Потсетуваме дека правото на штрајк е право кое е гарантирано во Уставот на Република Македонија. Исто така, сакаме да ги потсетиме сите оние што ќе си земат за право да вршат притисоци врз оние вработени кои сакаат да го искористат своето уставно гарантирано право на штрајк дека член 156 од Кривичниот законик пропишува дека тој што на друг со сила или сериозна закана ќе му го одземе или ограничи правото на штрајк, ќе се казни со парична казна или со затвор до една година“, пишува во соопштението.

Според нив, целта на штрајкот не е да им се наштети на образовниот процес на учениците, туку, да им се овозможи поквалитетно образование.

Синдикатот за образование и наука (СОНК) пред речиси една недела најави дека по завршувањето на зимскиот распуст ќе стапи во генерален штрајк бидејќи како што велат се незадоволни од процесот на преговори со надлежните министерства, кои се водат веќе три месеци.