МТСП за случајот со двегодишното дете жртва на семејно насилство: Таткото во притвор, семејството ќе биде згрижено

Министерството за труд и социјална политика (МТСП) информираше дека постапуваат по случајот во кој двегодишно дете со телесни повреди вчера било примено на детска хирургија.

Од таму велат дека веднаш по пријавата на случајот, дека таткото извршил семејно насилство врз децата и нивната мајка и негова сопруга, стручен тим од Центарот за социјални работи на Град Скопје излегол на терен.

„На таткото му е одредена мерка притвор во траење од 8 дена,а  здравствената состојба на двегодишното дете е добра и денеска ќе биде пуштено дома. Останатите 3 деца кои вчера беа интервентно сместени во згрижувачко семејство ќе се вратат кај мајката и сите заедно ќе бидат згрижени во Центарот за лица жртви на семејно насилство. Воедно, Центарот ќе иницира постапка за изрекување мерки за времена заштита од семејно насилство“, наведуваат од МТСП.

Од Министерството посочуваат дека семејството е познато на Центарот и по претходни пријави за семејно насилство.

„Од средината на март до почетокот на април годинава, мајката и четирите деца биле згрижени во Центарот за лица жртви на семејно насилство. Центарот го напуштиле по писмена изјава на мајката дека сака да се врати во домот на сопругот со своите деца, бидејќи ги надминале недоразбирањата и состојбата во домот е смирена“, додаваат од МТСП.