МТСП: Пријавени два посебни случаи на Ковид-19 во две градинки

Министерството за труд и социјална политика (МТСП) известува дека од почетокот на отворањето на градинките на 9 септемри, пријавени се два посебни случаи на вработени позитивни на Ковид-19, во две Јавни установи за згрижување на деца – детски градинки.

Во првиот случај, велат од МТСП, се работи за објект „Коца Василевска“ при ЈОУДГ Мајски Цвет, Битола, каде од Комисијата за заразни болесни (КЗБ) е остварен контакт со родителите на децата и изолирани се само децата од таа група.

„Согласно нивните проценки, нема опасност за  останатите групи од објектот и тие можат да продолжат со работа и примање на деца. Притоа, согласно насоките на КЗБ, во домашна изолација се и други пет вработени во истата градинка до 15 односно  17 септември, од последниот контакт со заболената вработена во градинката“, соопштува МТСП.

Истовремено и за сите пет деца кои беа во групата на вработената, позитивна на Ковид-19,  даден е предлог за здравствен надзор заклучно со 23 септември. Во однос на оваа градинка, велат од МТСП, се превземаат сите мерки за дезинфекција на објектот и просторијата во градинката.

„Вториот случај, се работи за  вработена во градинка ЈУДГ на О.Ц ,,Раде Јовчевски Корчагин“, која од 9 септември не е на работно место и нема контакт со прием на деца во период кога градинките почнаа со работа, прием на деца и згрижување. Согласно, препораката на епидемиолозите, каде е пријавен случајот,  доколку до недела (13 септември) година не се пријават вработени со симптоми објектот може да продолжи да работи  нормално од понеделник“, дополнуваат од ресорното министерство.

Согласно Протоколот за активности во установите за згрижување и воспитание на деца, велат тие, по престанување на траење на вонредна состојба, просториите во установата се дезинфицираат секојдневно по повеќе пати.

„Од градинката информираат дека до денес немаат  пријавено друг вработен од истиот објект со симптоми на вирусот Ковид 19“, соопштува МТСП.