МТСП: Преку „Гаранцијата за млади“ вработени 123 млади лица во трите пилот општини

Во првите два месеци 123 млади лица се вработиле преку пилот проектот „Гаранција за млади“, кој се спроведува во три општини во Македонија, соопштија од Министерството за труд и социјална политика (МТСП).

„Првичните резултати од пилотирањето на проектот се охрабрувачки. За само два месеца, речиси 700 млади од 15-29 години се вклучиле во „Гаранцијата за млади“. За 640 од нив, направен е индивидуален план за вработување, 220 веќе биле вклучени во други услуги за вработување како што се: мотивациски обуки, обуки за барање работа, професионална ориентација и кариерно советување. Од пријавените, 123 млади лица веќе се во работен однос, а од останатите 60% аплицирале за некои од програмите/ мерките за вработување како на пример: 59 во Програмата самовработување со грант, 86 во Програмата за субвенционирање на плати, 73 во Обуки за побарувани занимања на пазарот на трудот, 73 во Практикантство и сл“, наведуваат од МТСП.

„Гаранцијата за млади“ започна со имплементација во март 2018 година како пилот проект во три општини: Град Скопје, Гостивар и Струмица и планирано е да трае во текот на целата година. Врз основа на анализа на постигнатото во пилот фазата, проектот ќе се имплементира на целата територија на Република Македонија.

Целта е на младите лица од 15 до 29 години, во период од четири месеци, да им се обезбеди шанса за вработување, континуирано образование и обука или практикантство.

Проектот се спроведува од Министерството за труд и социјална политика, Агенцијата за вработување на Македонија и Националниот младински совет на Македонија, а финансиски е поддржан од Швајцарската амбасада во Скопје.