МСО: Голем број млади би го напуштиле Охрид

Најголем проблем за младите во Охрид е вработувањето, по што следуваат квалитетот на живеење, здравството и превенцијата, а додека најмал проблем младите гледаат во областите- младинска работа и образование, покажува истражувањето направено од Младинскиот совет Охрид, кое е дел од новиот Локален акционен младински план за периодот 2014-2018 година.

Од одговорите дадени во прашалниците, приоритетите младинска работа и младинско учество не им се блиски и доволно познати на младите, пишува локалниот портал Охридњуз.

МСО: Голем број млади би го напуштиле Охрид„ Поголемиот број од испитаниците, очекувано, би го напуштиле местото на живење, голема е бројката на оние кои во општината не гледаат можности за квалитетно исполнување на слободното време од една страна, но исто така и не биле вклучени во планирање и реализирање на настани, нити пак покажуваат интерес за личен ангажман. Испитаниците сметаат дека е важно да ги развиваат сопствените способности и знаења, да бидат упорни, да имаат поголема самодоверба и јасна цел во животот, да внимаваат на честа и достоинството“, покажуваат резултатите од истражувањето.

За младите да можат активно да се вклучат во локалната заедница, алтернативите кои тие ги наведуваат се следниве: овозможување на разни можности за нивно активирање и мотивирање, обезбедување на работа, системско информирање. Со тоа би презеле и поголема одговорност при решавање на проблемите на заедницата, со што би се развивала свеста за сопствена одговорност, а би придонело за развој на локалната заедница.

Локален Акционен Младински План за периодот 2014 – 2018 година на МСО наскоро ќе биде објавен и ќе биде предложен до Советот на општина Охрид, со цел да стане и официјален документ за креирање на локалната младинска политика на општината, пишува порталот.