МРТ демантира, Синдикатот реагира за инцидентот во 103-ка

Македонската радио телевизија (МРТ) најостро ги демантира тврдењата во јавноста дека направила упад во програмата на радиото Канал 103.
„Радиото Канал 103 емитува програма од објектот на МРТ и МРТ нема никаква формална, организациска и програмска допирна точка со истото. Оттаму, уште еднаш се оградуваме од вчерашниот настан. Ниту МРТ, како институција, ниту некој нејзин вработен е дел од истото случување“, се вели во соопштението од службата за информирање на јавниот сервис.
Според објавена аудио-снимка, синоќа обезбедувањето на зградата на МРТ упаднало за време на емисија во радиото Канал 103 и го легитимираше водителот. Ова се случи откако генералот Стојанче Ангелов повторно се обиде да влезе во зградата на јавниот сервис и да ги достави снимките од телефонските разговори кои ги објави опозицијата. Екипата на Канал 103 го покани Ангелов да биде гостин во нивната емисија, но обезбедувањето не му дозволи.
За случајот реагираше и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници. Од Синдикатот велат дека се запрепастени и згрозени од упадот во програмата и легитимирањето на водителот на емисијата на Канал 103 во МРТ.
 „Сметаме дека станува збор за директна, груба цензура која компплетно ја соголува драмтичната состојба со слободата на информирањето во МРТВ. Никакви правила и процедури не можат да го сокријат фактот дека на водител на емисија му е оневозможено на најгруб и насилнички начин да ја врши својата работа. На отворен микрофон го слушнавме „обезбедувањето“ на МРТВ како без каква и да е задршка го легитимира водителот и го отстранува од програмата. ССНМ најостро го осудува ваквиот чин и бара одговорност од раководството на МРТВ, како и објаснување чие обезбедување влегло во програма на отворен микрофон, на МРТВ или на приватна компанија за обезбедување?“, се вели во реакцијата.

ССНМ соопшти дека за овој инцидент ќе ги информира сите меѓународни новинарски организации, вклучително и Меѓународната и Европска федерација на новинарите. Воедно, Синдикатот искажа јавна поддршка на акциите и протестите за начинот на работата на јавниот сервис и ги повика сите новинари и медиумски работници целосно да се солидаризираат со колегите во МРТВ и да го искажат својот револт за состојбата во која се доведени нивните колеги.

Ангелов пак, преку својот Фејсбук профил повика денеска на собир пред МРТ во 12 часот.