Мршојадците со својата улога на чистачи во природата придонесуваат во целиот свет да се намалат јаглеродните емисии од над 12 милиони автомобили. Во светот, првата сабота во септември се одбележува како Меѓународниот ден на посветен на овие импресивни птици, од кои многу видови се на црвените листи на загрозени видови. Мршојадците се хранат со остатоци од мртви животни и на тој начин спречуваат ширење на болести, ја одржуваат природата чиста и враќаат хранливи материи назад во почвата, што е клучно за здрави екосистеми. Благодарение на киселината во нивниот желудник, мршојадците можат безбедно да консумираат мрши и да ги елиминираат штетните бактерии и вируси од околината.
Тие се и намалувачи на јаглеродните емисии. Од Македонското еколошко друштво велат дека популациите на мршојадци ширум светот придонесуваат за намалување на емисиите на стакленички гасови со тоа што се хранат со угинати животни, спречувајќи од 60 до 70 тераграми на јаглероден диоксид да бидат ослободени годишно при нивното распаѓање или отстранување, што е еквивалентно на емисиите од над 12 милиони автомобили годишно.

фото: Luis de Matos, IVAD
„Во Македонија се останати само два вида на мршојадци, два вида се веќе целосно истребени, брадестиот и црниот мршојадец, а популациите на белоглавиот и египетскиот мршојадец се сериозно намалени. Белоглавиот мршојадец низ годините е најпогоден од илегалните употреби на отрови во природа. Според податоците од Студијата за труење на балканските мршојадци, овие птици се појавуваат во над 70 отсто од сите евидентирани инциденти, а 125 единки угинале од оваа незаконска практика во последните две децении. Слични се околностите и за египетскиот мршојадец, каде се евидентирани четири единки угинати од труење, што е тежок удар за нивната мала популација“, посочуваат од организацијата.

Фото: Bruno Berthemy, IVAD
МЕД повеќе години работи на проектот BalkanDetox Life преку кој се овозможува заштита и стабилизација на популациите на мршојадците. Благодарение на напорите бројот на белоглави мршојадци, пораснал во последната година, покажало последното пребројување што пролетва го реализираа членовите на Македонското еколошко друштво и Здружението за зачувување на природата „Аквила“ од Кавадарци. Годинава е потврдено присуството на дваесетина двојки на белоглави мршојадци на две локации. Од нив, оваа гнездечка сезона девет биле во колонијата во Демиркаписката клисура, а 11 во колонијата на Тиквешкото Езеро.