Собранието на седницата одржана на 10 јули донесе Одлука за распишување оглас за избор на Народен правобранител, а рокот за пријавување на кандидатите е 10 дена од денот на објавување на одлуката во Службен весник, односно, до 26 јули. По завршување на рокот за пријавување, Собранието треба да ја објави листата на пријавени кандидати заедно со документите кои ги приложиле до Комисијата за прашањата за изборите и именувањата, и да ја спроведе постапката за избор на Народен правобранител.
Во пресрет на изборот, Мрежата за заштита од дискриминација бара од Собранието на оваа значајна функција да избере стручно и независно лице, со цел, како што вели, да се овозможат реформи во работењето на оваа институција, за која сметаат дека со години наназад не успева да обезбеди ефикасна и ефективна заштита на правата на граѓаните.
„Да се има силна, независна и непристрасна институција Народен правобранител е важно и заради непречено спроведување на принципот на владеење на правото и за почитувањето на човековите права како основен предуслов за напредок во евроинтеграциските процеси. Агенцијата за темелни права на Европската Унија препорачува обезбедување на поголема транспарентност при процесите на избор и нивна отвореност за најголем број на кандидатки и кандидати, како и вклученост на Собранието, но и на независни актери во процесот. Дополнително, Европската комисија во континуитет нѐ потсетува дека е потребно именување на членови на независните тела засновано врз заслуги со што ќе се осигура нивната компетентност и интегритет. Ова несомнено важи и за идниот Народен правобранител“, соопштува Мрежата.
Во спротивно, велат од Мрежата, јасно се покажува недостатокот на волја за унапредување и почитување на правата на граѓаните и негрижа за доборосостојбата и напредокот на земјата.
„Народниот правобранител е последната институција во која треба да се именуваат нестручни партиски кадри, бидејќи на ваков начин се повредуваат одредбите од Уставот кои гарантираат независност на институцијата“, забележуваат од Мрежата.
Мрежата за заштита од дискриминација потсетува дека согласно Одлуката, за Народен правобранител може да биде избрано лице кое ги исполнува општите услови определени со закон за засновање работен однос, да е државјанин на Македонија, дипломиран правник кој има работно искуство над девет години на правни работи и чија активност е докажана во областа на заштитата на правата на граѓанинот и ужива углед за вршење на функцијата народен правобранител.
„Апелираме до сите пратеници и парламентарни политички партии да се воздржат од партиски преговарања и да спроведат транспарентен, инклузивен и фер процес за избор на следниот Народен правобранител. Уште еднаш апелираме до сите парламентарни политички партии да ја сфатат и да ја поддржат заложбата за непартиски кандидат, да не ја гледаат оваа институција како уште една можност за партиски вработувања, со што ќе покажат вистинска и не само декларативна грижа за човековите права и слободи на граѓаните“, стои во соопштението на Мрежата.